Биографија

Вонреден професор д-р Ивица Зориќ

Роден е 1948 година во Белград, Република Србија.

* 1972 дипломира на ФМУ во Скопје. Хорско диригирање учи кај познатиот македонски хорски педагог и диригент проф. Драган Шуплевски, Академик Тодор Скаловски и проф. Фимчо Муратовски.
* 2003 магистрира на Факултетот за музичка уметност во Скопје, од областа на музичката педагогија-методика на музичка настава, со магистерска теза “Хорското пеење во основното образование како една од најзначајните форми на колективното музицирање”.
* 2007 докторира на тема “Дигитален каталог за македонското хорско творештво”.

Педагошка дејност:

Од 1972 година работи како професор по солфеж и хор во Основното музичко училиште во Тетово каде работи и денес.

Во 1977 година го основа детскиот хор “Лале”, во 1981 година го основа и женскиот младински хор “Менада” со кои работи непрекинато до денес.

Од 1980 до 2007 година Директор на Државното Музичко Училиште во Тетово, на чија иницијатива училиштето го добива името Т.С. – Тетоец. Од 1997-2004 година е кординатор и педагошки раководител на средниот дел на паралелките од МУБЦ “Илија Николовски-Луј” од Скопје каде ги предава предметите: хорско пеење и хорско диригирање.

На негова иницијатива во 2004 година ОМУ “Тодор Скаловски – Тетоец” – Тетово се трансформира во ДМУ за основно и средно образование, под чие раководство како директор учениците на ова училиште освоиле 180 републички и 50 меѓународни награди и признанија.

Претседател е на рецензенската комисија за избор на учебници по музичко образование за основните училишта при Министерство за образование и наука на Република Македонија.

Претседател е на Комисијата за изготвување на наставни програми за основно и средно музичко образование по предметите солфеж и теорија на музиката.

Уметничка дејност:

Како деец во областа на културата во Македонија организирал над 1000 концерти на класична музика со реномирани домашни и странски уметници.

* Претседател е на Управниот одбор на Меѓународниот хорски фестивал “ТЕХО”.
* Иницијатор е и основач на Балканскиот Хорски Форум во Тетово во 1998 година во кој членуваат претставници од Македонија, Албанија, Бугарија, Грција, Турција, Србија и Романија.
* Член е на Европската хорска асоцијација АГЕЦ со седиште во Белгија како претставник на Р. Македонија во музичкиот комитет.

Како музички истражувач, теоретичар и педагог во областа на македонската хорска музика, учествувал на домашни и меѓународни собири, трибини и фестивалот во Крагуевац-Србија, на Балканскиот Хорски Форум во Тетово, на “Струшката музичка есен” повеќе пати, на Меѓународниот фестивал во Брашов – Романија, ИРАМ и др.

Член е на жири комисии на државни и меѓународни хорски фестивали во Македонија и странство.

Концертна дејност:

Во македонската и меѓународната културна јавност е познат пред се како реномиран хорски диригент. На репертоарот на хоровите со кои работи редовно се застапени композиции од најразлични стилови и периоди од македонската и светската хорска акапела и вокално-инструментална музика. Со хоровите “Лале” и “Менада” има остварено повеќе од 1000 настапи во земјата и странство.

Со овие два хора добитник е на награди и признанија во Македонија, поранешна Југославија и Европа. Како диригент со хоровите настапувал на фестивали, конкурси и концертни турнеи во Албанија, Бугарија, Србија, Грција, Словенија, Турција, Романија, Италија, Австрија, Германија, Чешка, Полска, Шпанија, Шведска, Холандија, Данска, Португалија, Босна и Херцеговина и Хрватска.

Со хоровите учествувал во изведба на вокално-инструменталните дела “Стабат Матер” од Перголези, “Огледало” и “Псалми” од С. Стојков и “Деца на Македонија” од С. Тошески.

Редовен учесник е на меѓународниот хорски фестивал “Тетовски Хорски Одѕиви”-ТЕХО во Тетово од 1979 до денес.

Посебна карактеристика на програмските и изведувачки активности е редовна застапеност на дела од македонските автори како и праизведби од македонските композитори. Композиторите Тодор Скаловски, Михајло Николовски, Благој Цанев, Димче Николески, Стојан Стојков, Стојче Тошески, Герт Сорг (Р. Германија) и Стојан Бабеков (Р. Бугарија) посветиле композиции на него како диригент и на хоровите со кој што работи.

На репертоарот на хоровите поставил 400 хорски композиции од различни стилови и епохи на 20 светски јазици.

Настапува на сите значајни културни манифестации “Охридско лето”, “Штипско лето”, “Денови на македонска музика”, “Есенски музички свечености”, “Струшка музичка есен”, “Десет дена Крушевска Република” и др.

 

Сподели